Историјата и сето она што е изразено преку човечкото однесување, денес е предмет на голем број критични, самокритични, офанзивно-дефанзивни толкувања на поимите и појавите. Гледано од страна, хаосот кој може да се појави за неупатениот, односно странецот во практиката на резонирање и презентирање на сфатеното, може да доведе до дисфункционално пореметување на самите аспекти на разбирањето на она што треба да се пренесе или прикаже.
Постојат голем број на примери, гледани од литературен аспект, кои се занимаваат или имаат основна тема поврзана со нешто што е несекојдневно, неприфатливо, одбивно и етички и морално табуирано. Без разлика дали се тоа литературни дела во комплетна форма или само одредени исечоци на нечии мисли и идеи, овие примери, во себе ги инкорпорирале теоретските одредби за појавите и поимите кои не можат детално да се разграничат во смисла на тоа дали тие имаат објективни или субјективни аспекти и карактеристики. Поради тоа, општо прифатената пракса е внесување на некој нов поим или дефиниран супститут кој својствено и прилично задоволувачки, ќе ги обедини, замени или надополни овие состојби на недефинирана објективност и субјективност.
Ваквите предуслови и состојби на недостиг на средство за изразување на горенаведените меѓуелементи на објектот и субјектот, довеле до сè поголемата употреба на поимот „абјект, абјектност, абјектирање“ или некоја друга деривирана мисла за тоа што, како и каде сè може тој да се употреби.
Современите можности за пребарување на архиви на податоци и центрите на знаења, овозможуваат целосен пристап до она што е потребно за да се разбере абјектот, иако во прашање се само податоци кои ги прикажуваат личните можности на индивидуалци кои решиле да завојуваат на бојното поле наречено „Употреба на абјектот“.
Иако, на почетокот треба да се напомене дека абјектот претставува поим за кој се направени обиди да се поврзе со физичкото и психичкото и постојат одредени пишани дефиниции за неговото значење, сепак треба да се сфати дека слободата на изразувањето довела до појава на „мутација“ на абјектот или „асимилирање“ (со достојна почит кон серијалот „Звездени патеки“ и нивното користење на поимот „абјектно“ каде асимилацијата на човекот се прикажува како тотално неприфалив, одвратен и хегемонистички процес со што и му се додава именувањето „абјект“-трета сезона, епизода 24).
Можеби најдобриот начин да се сфати абјектот е да се започне од нула, со празна меморија за тоа што до сега било научено или само перципирано како причина на случајна средба со поимот или некои примери во врска со него, но сепак сложеноста на неговата употреба и различните сфаќања за абјектните појави, може да го скратат времето и олеснат патот до вистинското разбирање.
Исто така, ова проучување може да се реализира и врз основа на тоа колку и какви типови на гледишта има (се мисли на оние кои веќе се во допир со абјектното размислување) или пак да се земе предвид она што одреденото гледиште го дефинира како некоја појава, а нејзините карактеристики и аспекти можат да се поврзат со поимите на абјектното.
Едно од поважните гледишта, кога станува збор за абјектот, секако е аналитичкото гледиште на појавите и личностите. Тука се појавуваат првите допирни точки со психолошкото резонирање на работите, не само од поединечен аспект, туку и според правилата на застапување на ставови и мислења од група, без разлика дали се во прашање стручни лица или лаици.
Психоанализата, како основа на она што се презема со цел да се соочиме со реалноста на однесувањето или да се сфатат аспектите на човековото размислување, многу често е извор на абјектни заклучоци кои се однесуваат на тоа како индивидуата ги перципира околината и случувањата во неа или како се однесува при појавата на некој надворешен фактор кој може да предизвика емоции од веќе наведениот тип (нискоста на одредена појава или предмет, неразбирливото гадење и одбивноста).
Првото прашање кое секој би си го поставил, се разбира е „Што е тоа абјект?“.
„Во Оксфордскиот речник на англиски јазик од 1990 година, абјектот се толкува на три начини:
1. terrible, extreme situation (ужасна или екстремна состојба);
2. completely without pride or dignity (целосно без гордост или достоинство);
3. very poor, completely without success (многу ниско, тотално без успех).[1]
Од пред извесно време, на Запад, во уметничките кругови, се користи и терминот “Abject Art” (Wikipedia), коешто се преведува како „уметност на одбивното“ (Соња Абаџиева, МСУ, Скопје), или понекогаш како „одбивната уметност, уметноста на одбивноста“.
Абјектот го претставува она што се наоѓа помеѓу објектот и субјектот.
Субјектот од семантичка гледна точка е главен, и граматички независен член во реченицата кој покажува за што се однесува информацијата содржана во прирокот, односно покажува кој врши одредено дејство.
„Субјектот е концепт на модерната филозофија. Се заснова врз метафизичките системи на 17 век; концептот порасна и го достигна својот врв на почетокот од 19 век. Излезе дека процесот на инвестирање во и обезбедување моќ за субјектот продолжи како по инерција, игнорирајќи ги жалбите и предупредувањата на 19 век и покрај трезвените реалности што ги донесе 20 век. Не е потребно да се додаде дека дури и филозофијата која не беше наклонета кон метафизиката всушност успеа да придонесе за растежот на субјектот во модерната ера. Таа беше искористена во процесот со помош на дискусиите за моќта на знаењето, моќта на уметноста и креацијата, и на крајот, но не и најмалку важно, моќта на политичката акција.“
[1] Јасна Котеска: Санитарна енигма, Темплум, Скопје, 2006, 23.
Објектот пак, е додаток на прирокот директно или индиректно опфатен од глаголското дејство, односно покажува какво дејство врши субјектот.
Појаснувајќи го абјектот како поим, ќе кажам дека тој со тенка линија се разграничува од објектот и субјектот, од реално прифатливото за човековата психа и објаснува нешто што е несекојдневно, непожелно или неприфатливо.
Од друга страна, абјектот се користи со цел да се изрази состојбата на често маргинализирани групи на луѓе како што се крадци, убијци, сексуални работнички или изнемоштени или осакатени индивидуи (се мисли на питачи) гледани од очите на „наводно“ нормалниот набљудувач.
„Предавникот, измамникот, криминалецот со добра свест, бесрамниот силувач, убиецот кој тврди дека е спасител … Секое злосторство е абјект затоа што упатува на кршливоста на законот, а злосторството со умисла, лукавото убиство, лицемерната одмазда дури и повеќе бидејќи уште повеќе ја истакнуваат таквата кршивост“.[2]
Ваквото објаснување преку поврзување на изразот со одредена состојба е само почеток и се базира на безброј примери кои се среќаваат во одредени истакнати литературни дела како што се:
-Д-р Џекил и Г-дин Хајд (Роберт Луис Стивенсон): „Но зборовите едвај да беа изустени пред насмевката да биде удрена од неговото лице и заменета со израз на абјектен терор и очај, така што ја замрзна крвта на двајцата господа кои беа долу.“
-Владетелот (Николо Макијавели): „Сицилијанецот стана Крал на Саракуза не само од обична, туку и од ниска и абјектна позиција во која предходно живеел.“
Со почетокот на 80-тите години од минатиот век, голем број на уметници станале свесни за значењето и можностите на абјектот како состојба или концепт и решиле масовно да го применат во својата работа. Во 1993 година, американскиот „Витни Музеј“ во Њујорк, подготвил и презентирал изложба под насловот „Абјектната уметност-Одбивањето и желбата во американската уметност“.
Овој настан нафрлил малку поширока вредност на терминот „абјект“ во областа на уметноста. Голем број на уметници како што се Сидни Шерман, Лоис Бургеос, Карол Шниман, Кики Смит и други, се сметаат за едни од поголемите уметници кои придонесле во збогатувањето на абјектната уметност.
Абјектот го потврдил своето присуство не само во уметноста и литературата туку и во некои други правци на интелектуалноста, посебно сега кога архаичните граници на тоа што смее, а што не смее јавно да се каже се релативно надминати или барем не се толку строги како порано. Поради тоа, голем број на примери го користат абјектот со цел да опишат нешто што порано било недозволено, табу или едноставно неприфатливо за размислување.
Отворениот модел на изразување и користење на абјектот, посебно е истакнат во делото на Јулија Кристева „Токати и фуги за другоста“ (Темплум, Скопје-2005), поточно во есејот „Моќи на ужасот“ кој е составен дел на ова дело, а најчесто од областа на психоанализата. Успешните обиди на Кристева за поимно разложување на одредени појави од различни аспекти како што се однесувањето, порано и сега, религиското абјектирање, адолесценцијата, мајчинството и сексуалноста и многу други теми на размислувања даваат одредена перспектива на употребата на абјектот и неговото пошироко значење.
„Доколку е вистина дека абјектот истовремено го проколнува и го толчи субјектот, може да се разбере дека тоа се случува во зенитот на моќта кога субјектот, уморен од безуспешните обиди да се идентификува со нешто однадвор, го пронаоѓа невозможното внатре; кога открива дека невозможното го конституира самото Битие, кое не е ништо освен абјект. Абјектноста на себноста ќе биде кулминативната форма на тоа искуство на субјектот што му открива дека сите негови објекти се засновани исклучиво врз инаугурална загуба која ги поставува темелите на самото битие.
Не постои абјектност на себноста која треба да покаже дека абјектноста всушност е препознавање на потребата врз која се базира секое битие, значење, јазик или желба. Секогаш пребргу преминуваме преку овој збор, “потреба”, и денешните психоаналитичари конечно го земаат предвид само нејзиниот повеќе или помалку фетишизиран продукт, “објектот на потребата”. Но доколку човек го замисли (а мора да го замисли бидејќи тука се разработува токму начинот на кој функционира имагинацијата) искуството на самата потреба како логички претходник на битието и објектот – на битието на објектот – тогаш човек сфаќа дека абјектноста и уште повеќе, абјектноста на себноста е свое единствено озна-чено. Нејзин означител, во тој случај, може да биде само ли:гературата. Мистичното христијанство ја претвори абјектноста на себноста во врвен доказ за понизноста пред Бoгa, за што сведочи Елизабета Унгарска за која “и покрај тоа што е голема принцеза, нема поголема среќа од сопствената понизност”.“[3]
Според Кристева, еден од предметите каде абјектот има своја функција е потсетувањето за материјалноста на човекот. Факт е дека овој страв може да биде предизвикан не само од погледот на мртвото тело, туку и од перцепцијата на отворената рана, крвта, канализацијата, нешто нечисто, несанитарно неизбалансирано. Како основен пример во книгата за ова е појавата на стравот кај човекот кога тој се среќава со мртвото тело на некој друг.
„Трупот (или отпадокот: cadere, паѓа), што стана непоправливо фијаско, е септичка јама и смрт; тоа уште повеќе го вознемирува оној кој му се спротиставува како кршлива и превртлива среќа. Раната со крв и гној, или болничкиот и остар мирис на пот, или на гниење, не ја означува смртта. Во присуство на означената смрт – еден рамен енцефалограф, на пример – би разбрала, реагирала, или прифатила. Не, како во вистински театар, без шминка и маски, отпадоците и труповите ми го покажуваат она што постојано се обидувам да го тргнам настрана за да можам да живеам. Овие телесни течности, оваа нечистотија, измет, се она што животот го поднесува, одвај и со тешкоти. во однос на смртта.
Ова е моја гранична состојба како живо суштество. Моето тело се испрепелкува оттаму, како живо, од таа граница. Тоа ѓубре отпаѓа за да можам да живеам, се додека, од загуба до загуба, веќе ништо не остане во мене и целото тело не падне зад границата _ cadere, отпадок. Доколку изметот ја означува другата страна на границата, местото каде што не сум и кое ми дозволува да бидам,трупот,најнеподносливиот од сите отпадоци, е граница што се протега преку се. Веќе јас не сум таа што отфрла, “Јас” сум отфрлена.“[4]
Кристева во своето дело се осврнува и на други елементи поврзани со абјективноста преку соодветно психоаналитичко објаснување на нејзините сфаќања на одредни појави. Горенаведените елементи се само дел од сето она што Кристева го објаснува во своето дело. Останатите тежишта се дадени на разгледувањето на одредени психоаналитички заклучоци за егото, првичното одбивање, анализата и сл.
Кристева е често споменувана кога се доведува во прашање објаснувањето на абјектот бидејќи во својата работа многу често се осврнува на тоа како абјектот се појавува во одредени психолошки и филозофски разгледувања на однесувањето на човекот и појавите.
Ова предизвикува потреба од малку подетално разгледување и презентирање на досегашните достапни примери за тоа што е абјектот и како е употребуван, но и одредено резонирање за тоа кои се можностите за неговата примена и развој во иднина. Со цел да се постигне тоа, потребно е анализата на поимот да биде насочена кон одредена средина, дефинирана од своите аспекти, значење и цел која се остварува.
Главната задача во овој труд е да се прикаже застапеноста на абјектот во македонските публицистички текстови каде на самиот почеток ќе дадам објаснување за публицистичкиот функционален стил преку кого се изразува јазикот на средствата за јавно информирање. Потоа, преку анализа на дадени примери од текстови кои во најголем дел се цитати од веќе објавени македонски публицистички текстови од разни области, во најтиражните пишани медиуми, но и текстови напишани на македонски јазик а објавени во странски пишани медиуми, со цел да се олесни транзицијата на идеите и сфаќањата за абјектот, неговата примена, неговата смисла и сето она што е поврзано со него.
Во секојдневниот допир со пишаните медиуми, читателот е доведен во ситуација често пати во одреден текст објавен во некој медиум наместо само известување за некој настан, во самиот текст да препознае и одреден суд и напад врз одредена личност, настан или појава врзани со секојдневието, каде авторот на тој текст неблагодарно служејќи се со абјектот за кој понекогаш и не е свесен дека го употребува во својот текст, сака да привлече поголемо внимание од страна на читателите, а со тоа и поголем профит. Со цел барем малку да се даде до знаење дека ваквото претставување на настаните е во голем дел производ на абјектот употребен во таквиот текст, абјектот го анализирам токму во пишаните медиуми каде лично сметам дека е најчесто застапен и поради тоа читателот секојдневно доаѓа во допир со него, а во поголемиот број случаи не знае за што станува збор, односно што е тоа што ја предизвикува неговата реакција на прв поглед, без разлика дали се работи за некоја делумно добра или лоша вест.
[1] Даша Духачек, Политичкиот субјект во современите феминистички теории, Luce Irigaray: “Any Theory of the Subject Has Always Been Appropriate by the Masculine. http://www.templum.com.mk/margina/sodrzina/margina76/3_rod2.htm
[2] Јулија Кристева, Токати и фуги за дугоста, Темплум, Скопје-2005, стр. 209.
[3] Исто, стр. 210-211.
[4] Исто, стр. 208.